ВЛАТКО ЃОРЧЕВ - ДИЈАСПОРАТА, ТАТКОВИНАТА И ГЛАСАЊЕТО

Член 5: „Граѓаните на Република Македонија имаат државјанство на
Република Македонија“. Член 22: „Секој граѓанин со наполнети 18 години живот
стекнува избирачко право“.
(Извадоци од Уставот на Република Македонија)
Голема е штетата затоа што Македонија не гради доволно мостови кон своите
иселеници. Ја имаме судбината да имаме многубројна дијаспора. За некои, тоа
е благословот на македонската нација, а за некои тоа е проклетството што ги
опустоши селата. Во секој случај, тоа претставува шанса и ресурс за целото
општество. Глобализираниот свет овозможува постојан и квалитетен контакт на
секоја матица со своите иселеници. Денес, кој било Македонец во светот ја
има истата можност да добие информација како Македонецот во татковината.
Сите наши весници излегуваат на интернет, а таков е случајот и со
веб-страниците на телевизиите А1, Канал 5 вестите можат секој ден да се
гледаат преку интернет. МТВ ја има на сателит, како и ТВ Орбис од Битола.
Значи, можностите за комуникација се многубројни. Организираните држави ги
користат тие предности и градат мостови кон своите луѓе во странство.
Македонија се постави поинаку, иако имаше неколку добри обиди со одредени
резултати. Нашата држава и политиката ги запоставија граѓаните и во
татковината и во странство. Во едноумието постојано се поттикнуваше погрешен
пристап на работ на презир кон „непријателската емиграција“. Рефлексно ја
гледаа како субверзивен елемент. Целта беше Македонците да бидат раскарани и
свртени едни против други. Затоа, со комесарска упорност се поттикнаа
перцепции кои не беа во функција на консолидирањето на македонската
државност и единство.
Кои беа душманите кои тогашната македонска номенклатура ги дистанцираше од
татковината? Кои беа луѓето кои отидоа во туѓина? Тоа беа луѓето кои не
добија никаква шанса во Македонија и морале да заминат поради егзистенцијата.
Исто така, имаше и иселеници кои мораа да заминат за да спасат жива глава
бегајќи од еднопартизмот. Така се создаде политичката и побројната економска
емиграција. Тие иселеници им се приклучија на оние кои веќе беа таму по
Илинденското востание, Балканските војни и граѓанската војна во Грција.
Најпосле, во емиграцијата доаѓаат нашите врсници и последната генерација
која заминува поради вечната транзиција на македонските неуспеси.
Речиси сите имале тежок почеток и со тешка мака го создале тоа што го
имаат. Работеле во рудниците во Австралија, железарниците во Канада,
полињата во Италија, рестораните во Европа... Добар дел од нив почнал и
почнува буквално од нула. Никој не заминал затоа што му било убаво. Затоа,
не треба да се доведуваат во прашање нивните чувства за Македонија. Тие се
ја помагаат Македонија, се интересираат за неа и се составен дел од битието
на нашиот народ.
Затоа, Македонија треба и мора да гради мостови кон своето иселеништво.
Еден од тие канали е токму избирачкото право на иселениците, кои се
државјани на Република Македонија. Всушност, тоа е нивно уставно право. Во
Уставот никаде не се прави разлика помеѓу нашите граѓани во татковината и во
странство. Затоа, законските измени би претставувале операционализирање на
уставно регулираната материја. Воедно, Уставот забранува секаква
дискриминација. Затоа, живеалиштето не треба да биде никаков хендикеп во
остварувањето на гласачкото право. Токму спречувањето на таквото право е
атак врз демократската процедура. Слушајќи го аргументот дека нашите во
светот не плаќаат данок во Македонија, би спомнал неколку аргументи. Прво,
критериумот на „плаќање на данок“ никаде не е предуслов за гласачкото право.
По таа „логика“, невработените или студентите не би требале да гласаат, а
оние кои плаќаат можеби би требале да имаат повеќекратно гласачко право?!
Второ, нашата дијаспора е заслужна што втората најголема ставка на девизен
прилив во Македонија е токму од дијаспората. Илјадници семејства секој месец
добиваат средства од нашите во светот. Трето, голем број иселеници имаат
недвижности во Македонија, така што плаќаат данок.
Затоа, гласањето на граѓаните кои живеат во странство е стандард на речиси
сите демократски земји. САД, Германија, Италија, Романија, Бугарија,
Хрватска, Србија, Шведска и Австралија се само некои од земјите кои така ја
регулирале таа материја. Таму гласањето на иселениците е нормална работа, а
кај нас некои се обидуваат над тоа да ги стават дневнополитичките
интерпретации на политичките блокови. Всушност, тие спроведуваат такви
гласања и во Македонија каде преку огласи во „Дневник“ ги повикуваат своите
државјани да гласаат. Предуслов за гласањето не е географијата, туку врз
основа на државјанството. Затоа, не може некој да го има државјанството, а
да нема право на глас. Или се има државјанството или се нема. Не може
уставно гарантираното право да се „замрзне“.
Градејќи ги мостовите кон иселена Македонија, ќе го градиме нашето
единство и ќе имаме подобри шанси во иднината како општество и држава.
Таквото право треба да го уживаат сите државјани на Македонија, без оглед на
националноста и верата. Нашите иселеници се од сите националности и религии,
но ги поврзуваат потеклото од Македонија и државјанството ако го имаат.
Гласањето на иселена Македонија е уставна обврска на државата, но и силен
канал на комуникација со нашите во светот.
|